Kомпанијата „Нордеус“, креатор на најпопуларната онлајн спортска видеоигра на планетата - Top Eleven, ги објави плановите за отворање развоен центар во Скопје, што е дел од стратегијата за глобален развој и отворање на „центри Нордеус” по светот, на што претходеа основање канцеларии во Сан Франциско, Даблин и во Белград. Македонија има голем број талентирани луѓе, на кои сакаме да им понудиме можност да го покажат своето знаење и умешност. Диверзификацијата од овој тип ќе ни помогне да добиеме свежи идеи и нов поглед на реализација на нашите проекти, поради што токму скопскиот развоен центар ќе работи на еден потполно нов производ. Kанцеларијата во Скопје, која во почеток ќе вработи околу 20 лица, е само дел од планот на компанијата за развој, кој подразбира понатамошни инвестиции во светските центри на ИТ-индустријата, но и на територијата на Балканот.
Kомпанијата „Нордеус“, креатор на најпопуларната онлајн спортска видеоигра на планетата - Top Eleven, ги објави плановите за отворање развоен центар во Скопје, што е дел од стратегијата за глобален развој и отворање на „центри Нордеус” по светот, на што претходеа основање канцеларии во Сан Франциско, Даблин и во Белград.
- Македонија има голем број талентирани луѓе, на кои сакаме да им понудиме можност да го покажат своето знаење и умешност. Диверзификацијата од овој тип ќе ни помогне да добиеме свежи идеи и нов поглед на реализација на нашите проекти, поради што токму скопскиот развоен центар ќе работи на еден потполно нов производ - изјави Бранко Милутиновиќ, CEO на „Нордеус“.
Kанцеларијата во Скопје, која во почеток ќе вработи околу 20 лица, е само дел од планот на компанијата за развој, кој подразбира понатамошни инвестиции во светските центри на ИТ-индустријата, но и на територијата на Балканот.
За директор на „Нордеус“ во Македонија е именуван Марјан Петковски, искусен софтверски инженер, кој претходните седум години работел во развојниот центар на „Микрософт“ во Kопенхаген, Данска, а својата кариера одлучи да ја продолжи во Македонија и со тоа да биде пример и за другите. Тој вели дека нашите талентирани стручњаци, по ништо не заостануваат зад колегите од Западна Европа и, всушност, по идеите, визиите и желбите за успех се и пред нив.
- Главен проблем е тоа што на квалитетните инженери ретко кој им нуди можност да се докажат, а немале ни шанса да бидат дел од голем успешен тим на светски позната компанија, која пласира производи на сите континенти - вели Петковски.
Отворањето на канцеларија во Скопје е во период на големите успеси за „Нордеус“ и Top Eleven. Во средината на април, бројот на месечно активни играчи скокна на над 11 милиона, зацврстувајќи го Top Eleven на позицијата најпопуларна онлајн спортска видеоигра на „Фејсбук“ и една од десетте најиграни игри на оваа социјална мрежа. Top Eleven претставува и една од Топ-5 најпопуларни апликации на „Гугл плеј“ и „Епл стор“ низ европските продавници веќе неколку месеци. Kон крајот на март потпишан е договор со, по многумина најдобриот фудбалски тренер на светот, Жозе Мурињо, кој стана заштитно лице на Top Eleven.